“Приземјени“ скоро половина од пилотите во светот

53

Повеќе од половина од пилотите на светските авиокомпании повеќе не ја работат својата работа поради пад на побарувачката во услови на пандемија, а оние кои летаат чувствуваат дека работодавачите помалку ги ценат, покажува неодамнешно истражување на Goose Recruitment и FlightGlobal, спроведено меѓу 2.600 пилоти.

Истражувањето покажува дека работат само 43% од пилотите, 30% се невработени, 17% се на одмор и 10% работат друга работа.

На многу пилоти, кои сè уште летаат, им се влошени работните услови.

“Може да го видиме учинокот што пандемијата го имаше и на вработените пилоти. Голем број луѓе се чувствуваат несигурно поради оваа работа, голем број планираат да побараат нова работа оваа година, а многумина чувствуваат дека работодавачите помалку ги ценат“, вели Марк Чарман, извршен директор на Goose.

Што се однесува до невработените пилоти, 84% рекле дека останале без работа поради пандемијата. Во вакви услови, 82% од невработените пилоти прифаќаат пониска плата за нова шанса за работа.

Меѓу пилотите кои ја задржаа работата, пилотите во Европа рекле дека најголем стрес им претставува пандемијата, а како причина за загриженост го навеле ризикот од зараза, неурамнотежени правила и можност за сместување во карантин по ротација.

Дури 40% од испитаниците рекле дека на нивното ментално здравје во голема мера влијаела пандемијата, а бројката е повисока меѓу младите пилоти.

Фото: Freepik