Астрономски цени на недвижнините во Ванкувер, а сите сакаат да купат куќа

97

Ванкувер со години важи за еден од градовите со најскапи недвижнини во светот, каде што просечно семејство има четири пати помала заработка од онаа што е потребна за да си обезбеди сопствен дом. Економската криза предизвикана од пандемијата и најавената инфлација сепак се добар момент за инвестирање во недвижнини.

Пред пет години, Ванкувер беше втор град во светот, веднаш зад Хонгконг, во којшто е скоро невозможно човек да дојде до сопствен покрив над главата.

“Ванкувер од секогаш бил скап град, по Втората светска војна веќе се почнало да се зборува колку е скап“, вели за РТС, Марија Станојевиќ, агент за трговија со недвижнини во Ванкувер.

Цените најбрзо почнаа да растат по саемот за недвижнини во 1986-та година, кога убавините на Ванкувер почнаа да ги откриваат луѓе од целиот свет. Најголемо влијание имале богатите Азијци кои со децении купувале луксузни недвижнини. Често пати тоа им било начин да инвестираат или да исперат пари заработени надвор од Канада.

“Има голем пораст на населението. Веќе во следните три години Трудо најави 1,3 милиони нови емигранти. Затоа имаме инфлација којашто е многу важен фактор и Канада најверојатно ќе ја има една од највисоките инфлации“, додава таа.

Луѓето знаат дека парите губат вредност, но исто така знаат дека и нивниот долг кон банката губи вредност.

“Куќи, сите сакаат куќи, постари куќи по пониски цени во секој дел од градот. Становите не се толку барани, но баш затоа мислам дека треба да се оди спротивно од масата“, смета Станојевиќ.

Во центарот на градот цените се од 600.000 долари нагоре, а подалеку од центарот се спуштаат и до 300.000 долари, но во згради со сомнителен квалитет.

Фото: Pixabay