Škoda објави официјални цртежи за новиот Kushaq

66

Škoda ќе го претстави новиот Kushaq следниот месец, а во меѓувреме компанијата започнува тизер кампања со објавување на првите цртежи.

Претстојниот субкомпактен кросовер на чешкиот производител Škoda е насочен исклучиво за индискиот пазар, а ќе го понесе името Kushaq. Моделот нема никаква врска со европскиот Kamiq, а се одликува со најновиот дизајнерски јазик на компанијата со карактеристичната Škoda предна решетка која е опколена со по две светлечки единици на двете страни. Браникот е многу поагресивен во споредба со другите SUV и кросовер модели направени од чешкиот производител, барем ако се суди според овие рендери иако реалниот модел нема да биде толку драматичен. Автомобилот се одликува и со по два отвори за воздух на двете страни и голем отвор во средината.

Пластичните заштитни облоги ги дефинираат долните линии на каросеријата, а на профилот доминира силната линија која се движи од предните до задните крила. Благо опаѓачката линија на покривот е дел од дизајнот, исто како и задните светла во форма на буквата L, а веднаш под нив се поставени рефлекторите. Škoda натписот е поставен во средината на задниот дел, а браникот завршува со дифузер кој инкорпорира нешто што наликува на заштитна плоча.

Со оглед на тоа дека ова се само цртежи, се очекува продукциската верзија на Škoda Kushaq да биде многу пореалистична и не толку агресивна. Моделот ќе биде поставен на MQB-A0-IN платформата која е специјална верзија адаптирана од Škoda за индискиот пазар. Kushaq ќе има 2.651 милиметри долго меѓуосовинско растојание, идентично како Kamiq, простор за пет патници и ќе пристигне со 1.0 и 1.5 TSI бензински мотори. Во понудата нема да има опција со погон на сите четири тркала, со оглед на тоа дека сите модели ќе се нудат исклучиво со погон на предните тркала во комбинација со шестстепен мануелец, шестстепен автоматик или седумстепен DSG менувач.

Преземено од Avtoplus.mk