Air Serbia меѓу првите во Европа го тестира дигиталниот пасош на IATA

59

Српскиот авиопревозник, Air Serbia во соработка со Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (International Air Transport Association – IATA) во април го почнува тестирањето на дигиталниот пасош – IATA Travel Pass. Станува збор за мобилна апликација што им помага на патниците лесно и безбедно да го организираат патувањето во рамки на барањата на земјите што се однесуваат на тестирање на коронавирусот или на вакцинација.

На овој начин, српската национална авиокомпанија ќе биде една од првите авиокомпании во Европа којашто ќе биде дел од глобалната иницијатива, чија цел е повторно отворање на границите без карантин, како и гаранција за безбедност на патувањата и закрепнување на туризмот и авиоиндустријата.

Првата фаза од тестирање на апликацијата ќе се одвива на летовите на Air Serbia меѓу Белград и Цирих, ќе трае неколку недела, а патниците ќе бидат повикани да учествуваат, пренесува Екапија.

IATA Travel Pass ќе им овозможи на патниците да чуваат и управуваат со податоци во врска со резултати од тестирање на коронавирусот на личните мобилни телефони, како и на безбеден начин да го делат својот статус со авиокомпаниите пред да дојдат на аеродром. Дигиталниот пасош ќе дава и ажурирани информации за здравствените прописи во врска со коронавирусот, помагајќи им на патниците да проверат дали ги исполнуваат најновите услови за влез во земјата што сакаат да ја посетат.

Апликацијата, како што се наведува, е сигурно дигитално складиште на здравствени податоци, а освен што ќе го забрза процесот на пријава на патници на летовите, ќе отвори и потенцијал за развој на бесконтактни патувања во иднина.

Фото: Facebook