Сарачини: Голем дел од објектите треба да станат енергетски ефикасни до 2020 година

77

saraciniВо Сојузот на стопански комори на Македонија, Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска оствари работна средба со претставници на градежни компании и со претседателот на Градежната комора Сеад Кочан.

“Целта на денешната средба е да ги запознаеме градежните компании со придобивките, но и со обврските кои произлегуваат од Правилникот за енергетските карактеристики на зградите и Правилникот за енергетска контрола, кои што беа изработени од страна на експерти и кои што се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија. Почнувајќи од следната година, пред да се даде дозвола за градба, потребно е да се достави и елаборат за енергетска ефикасност, за да можат инвеститорите, градежните компании и сите други субјекти кои што се занимаваат со градежните работи, да се обврзат дека новите објекти кои ќе бидат изградени ќе бидат енергетски ефикасни”, потенцираше министерот, додавајќи дека не само новите објекти, туку и голем дел од постоечките објекти ќе треба да се реновираат и да станат енергетски ефикасни.

Според Сарачини, во Република Македонија треба да се реновираат околу 1.100.000 квадратни метри од станбениот фонд на згради до 2020 година, што значи дека почнувајќи од следната година, според препораките од Европската Унија, потребно е да се реновираат по 3% од приватниот и 5% од јавниот фонд годишно.

Бидејќи во Република Македонија има недостиг од работна сила на пазарот, потребно е да се вработат 16.000 нови работници во градежниот сектор до 2020 година, како дополнување на сегашната бројка од 40.000 работници, за што ќе биде потребна обука на околу 2.800 работници годишно за воведување на мерките за енергетска ефикасност. За таа цел, во септември Агенцијата за енергетика ќе објави јавен повик за првата група на градежни работници или други правни лица, кои ќе треба да ги поминат обуките за енергетска ефикасност и енергетски контролори, кои веќе од октомври ќе почнат да се обучуваат.

Претседателот на градежната комора, Сеад Кочан, истакна дека донесувањето на правилниците за енергетска ефикасност е нов сегмент, односно нова ера во градежниот сектор, што конкретно би значело отварање на нови работни места, поголема продажба на материјали кои што се енергетски ефикасни, поголем број на изградени квалитетни згради, но и помали давачки за електрична енергија.