Министерството за финансии е најтранспарентна институција во 2020 година со објавени 80 % од потребните документи, покажува анализата на ЕСЕ за тоа колкаво е нивото на проактивна транспарентност на јавните институции во 2020 година во која се монторирани 25 институции. Но и покрај високиот број објавени документи и информации, сепак недостигаат буџетскиот календар и годишната програма, наведуваат од ЕСЕ.
Деветнаесет институции или 76% од мониторираните се нетранспарентни, односно, како што појаснуваат во објавената анализа, речиси три четвртини од мониторираните институции, во 2020 година, објавиле помалку од 40% од мониторираните документи. Две се институции кои не објавуваат ниту еден документ на своите интернет-страници (Здравствен дом Скопје и Центар за јавно здравје Кочани).
Пет институции објавувиле само дел од мониторираните документи или пак 20% од мониторираните институции, односно, речиси една четвртина од мониторираните институции објавиле од 41, %до 75 % од мониторираните документи. Во оваа категорија на институции се Министерството за информатичко општество со вкупно објавени девет документ (60%), Министерството за образование со вкупно објавени осум документи (50 %), Министерството за внатрешни работи и Министерството за култура со објавени седум документи (47 %, односно 50 % респективно) и Владата на РСМ со објавени седум документи (47 %).
Единствена проактивно транспарентна институција во 2020 година е Министерството за финансии. Оваа институција во 2020 година објавила 80% од потребните документи. Но и покрај високиот број објавени документи и информации, сепак недостасуваат буџетскиот календар и годишната програма, наведуваат од ЕСЕ.
Најголемиот број на мониторирани институции или 88% ги имаат објавено листата на информации од јавен карактер и лицето за контакт и посредување со информации од јавен карактер.
Половина од институциите имаат објавено стратешки план и завршна сметка на буџетот. Ниту една институција не објавила буџетски календар, предбуџетска изјава и ревизорски извештај. Предложените и усвоените измени и дополнувања на буџетот ги има објавено само Министерството за финансии. Усвоен буџет во отворен формат имаат објавено само две институции, Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски. А, пак, полугодишниот извештај за извршување на буџетот е објавен кај Министерството за финансии и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Целта на анализа е да го прикаже нивото на проактивна транспарентост кај дел од јавните институции во Република Северна Македонија, односно праксата на јавно објавување на документи и информации за нивното програмско и буџетско работење на нивните интернет-страници и да даде препораки за можноста и начинот на унапредување на нивото на проактивност кај јавните институции.
Предмет на анализа се објавувањето на шеснаесет значајни информации/документи за програмското/буџетското работење од страна на дваесет и пет јавни институции, во кои влегуваат: стратегија за работа, годишни програми, буџетски календар, предбуџетска изјава, граѓански буџет, предлог-буџет и усвоен буџет, предложени измени и усвоените измени и дополнувања на буџетот, буџетски документи во отворен формат (xml и excel), месечни извештаи за извршување на буџетот, полугодишен извештај за извршување на буџетот, завршната сметка на буџетот, ревизорски извештај, податоци за лицето назначено за посредување за информации од јавен карактер и листа на информации од јавен карактер.
Фото: Pixabay