На 13 април 2021 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалување на каматната стапка во март 2021 година, на оваа седница беше одлучено каматната стапка да се задржи на нивото од 1,25%, со што монетарната политика го задржа релаксираниот карактер. Постојното ниво на каматната стапка беше оценето како соодветно на тековните економски и финансиски услови.
Намалување на основната каматна стапка до нивото од 1,25%, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за натамошно зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија. На седницата беше оценето дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.
Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, во последниот квартал од 2020 година, падот на бруто домашниот производ дополнително забави, согласно со очекувањата и се сведе на 0,7%, а остварениот пад на економијата за целата 2020 година од 4,5% е многу близу до проектираниот.
Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари ‒ февруари 2021 година упатуваат на продолжени ефекти од здравствената криза врз економската активност, коишто може да се поврзат и со појавата на третиот бран на ковид-19, што предизвикува натамошна воздржаност на економските субјекти, одразувајќи се и врз динамиката на економското закрепнување.
Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ март 2021 година, ценовните промени се во согласност со очекувањата според последната проекција на Народната банка. Сепак, нагорните ревизии на надворешните влезни претпоставки упатуваат на умерено нагорни ризици за проекцијата на инфлацијата за 2021 година од 1,5%. Притоа, и натаму е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа.
Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона. Девизните резерви во првиот квартал од 2021 година остварија висок раст, што главно се должи на трансакциите за сметка на државата, односно издавањето на новата државна еврообврзница во март. Воедно, во текот на овој квартал девизниот пазар беше поволен и без потреба од поголемо присуство на Народната банка. Најновите податоци од надворешниот сектор заклучно со февруари 2021 година упатуваат на можност за остварување трговски дефицит главно во согласност со очекувањата за првото тримесечје, а воедно и последните податоци за менувачкото работење се во согласност со очекувањата од последната проекција.
Во рамки на монетарниот сектор, согласно со првичните податоци за март 2021 година, продолжува зголемувањето и на депозитите и на кредитите, при што годишниот раст на депозитите е над проектираниот за првиот квартал на 2021 година, додека кредитниот раст е во рамките на проекциите.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во денари се задржа на релативно солидно ниво, за што потврда е и отсуството на потреба кај банките за тргување на пазарите на пари. Движењата на домашните финансиски пазари упатуваат на умерено подобрување на очекувањата на економските субјекти, видливо преку зголемената нето-понуда на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар на нивоа блиску до нето-понудата пред почетокот на здравствената криза.
На меѓународните финансиски пазари, натамошното зголемување на бројот на вакцинирани лица во САД придонесе за задржување на очекувањата на инвеститорите за солидно закрепнување на економскиот раст на глобално ниво. Во такви околности, цените на акциите коишто се тргуваат на светските берзи растеа, а цените на државните обврзници во САД и натаму опаѓаат на подолгите рочности. Од друга страна, цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната умерено се зголемија, за што покрај зголемениот откуп на овие хартии од вредност од страна на ЕЦБ, придонесе и согледувањето на инвеститорите околу влијанието на релативно побавниот процес на вакцинација во земјите членки на еврозоната врз економското закрепнување.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека движењата кај основните макроекономски параметри и натаму се поволни и без поголеми отстапувања во однос на очекувањата, кога сѐ уште постојат неизвесност и ризици од пандемијата предизвикана од ковид-19. Народната банка и натаму со голема внимателност ќе го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето и нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветна и навремена реакција, доколку е потребно.
Фото: Pexels