Триглав Осигурување очекува да ја одржи водечката позиција на пазарот и да ја задржи профитабилноста и сигурноста

64

Tриглав Осигурување АД, Скопје заклучно со 31.03.2021 година, оствари нето загуба од работењето во износ од 30.955.000 денари, стои во Коментарот на неревидираниот биланс на успех.

“Триглав Осигурување АД, Скопје во претстојниот период очекува да ја одржи водечката позиција на пазарот и да ја задржи профитабилноста и сигурноста во работењето. Друштвото ќе ги преземе сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Планот за 2021 година и Стратегијата 2019-2022 година, а притоа ќе биде фокусирано пред сè на дополнителен развој на стратешките осигурителни производи, обезбедувајќи им на клиентите врвна, навремена и доверлива услуга“, стои во Коментарот.

Нето приходите од премија за 2021 година изнесуваат 189.218.000 денари, кое што претставува намалување во однос на 2020 година за 18,4%, односно за 42.601.000 денари.

Гледано аналитички, причините за намалувањето се:

  • Пад на бруто премијата за 36.509.000 денари, што делуваше негативно на нето приходите од премијата;
  • Раст на премијата предадена во реосигурување и соосигурување за 15.819.000 денари, што делуваше негативно на нето премијата.
  • Промената во нето резервите за преносна премија, во споредба со 2020 година, влијаеше позитивно за 9.727.000 денари.

Приходите од финансиски вложувања изнесуваат 12.876.000 денари и се на исто ниво како и во 2020 година. Според Коментарот на билансот на успех, 75% од овие приходи се однесуваат на камати, а 6% се однесуваат на приходи од наемнини. Останатите приходи од вложувања произлегуваат од реализирана капитална добивка од продажба на финансиски средства.

Приходи по основ на провизии од реосигурување изнесуваат 21.349.000 денари и се повисоки за 1.065.000 денари, односно за 5% во однос на 2020 година, поради повисоката премија предадена во реосигурување.

Oстанати приходи на осигурување остварени се во износ од 1.864.000 денари и бележат раст од 19%. Овој раст се должи на повисоки приходи по основ на регресни побарувања од Гарантниот фонд.

Oстанатите приходи се во износ од 2.759.000 денари и бележат раст од 3%. Главна причина за растот е тоа што оваа година имаме повисоки приходи по основ на камати од наплатени побарувања од премија.