Во 2020 година, показателите за остварувањето на кредитниот ризик бележат подобрување. Нефункционалните кредити се намалија за 26,5%, со што и нивното учество во вкупните кредити се намали за 1,4 процентни поени, до нивото од 3,4%. Пад на нефункционалните кредити имаше и кај корпоративните кредити (-31,4%) и кај кредитите на домаќинства (-12,6%), покажува Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2020 година.
Оттука, учеството на нефункционалните во вкупните кредити на претпријатијата се намали за 2,5 процентни поени, до нивото од 5,2%, додека учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата се намали за 0,4 процентни поени, до нивото од 1,6%.
Намалувањето на нефункционалните кредити, како што се наведува, најмногу произлегува од задолжителните отписи на целосно резервираните нефункционални кредити, а во одредени случаи е резултат на наплати, најчесто преку преземање на залогот или преку преземање на долгот од друго лице. Регулаторните мерки преземени од страна на Народната банка, во доменот на управувањето со кредитниот ризик, исто така придонесоа за пролонгирање и забавување на остварувањето на кредитниот ризик, барем во делот на создавање нови нефункционални кредити.
Сепак, кај речиси 70% од кредитите коишто беа со олеснети договорни услови, грејс-периодот истече заклучно со 30.9.2020 година и до крајот на 2020 година не се забележа некој позначителен раст на нефункционалните кредити. Но, имајќи ја предвид неизвесноста околу временското траење на последиците од пандемијата на корона-вирусот и последователната неизвесност околу редовноста на клиентите во отплатата на кредитите, во наредниот период може да се очекува потенцијално остварување на кредитниот ризик и раст на нефункционалните кредити кај банките, особено по истекот на грејс-периодите коишто се одобрени по вторпат (во септември 2020 година).
На 31.12.2020 година, 7,5% од вкупните редовни кредити и натаму се во грејс-период, којшто за повеќе од 70% од овие кредити истекува во март 2021 година.
Фото: Pexels