Македонски Телеком на крајот на март оваа година имаше пазарна капитализација од 31.266.443.587 денари, што ја прави оваа компанија највредна во земјава, покажува извештајот на Македонска берза – Факти за котираните компании.
Втора највредна компанија во Македонија, според пазарната капитализација, е Стопанска банка Скопје, којашто заклучно крајот на март имаше вредност од 20.812.534.560 денари, додека трета е фармацевтската компанија Алкалоид со пазарна капитализација од 20.459.931.544 денари.
Издвоивме вкупно седум компании што котираат на Македонска берза, а што имаат пазарна капитализација што надминува 10 милијарди денари. Меѓу нив се и: Комерцијална банка (18.175.445.372 денари), Цементарница Усје (16.349.736.000 денари), НЛБ Банка (15.839.534.875 денари) и Мермерен комбинат Прилеп (11.717.145.000 денари).
Еден од основните параметри што се користи при анализа на капацитетите и перформансите на еден пазар е неговата пазарна капитализација. Овој податок ја покажува големината на анализираниот пазар, како и потенцијалите за вложување во истиот.
Пазарната капитализација за една компанија е производ на пазарната цена на акциите по вкупниот број на емитувани хартии од вредност. На пример, доколку едно акционерско друштво издало еден милион акции и пазарната цена на затворање на берзата на одреден датум е едно евро – пазарната капитализација на таа компанија ќе биде еден милион евра. Доколку цената на акциите се намали или зголеми, соодветно и пазарната капитализација ќе биде помала или поголема.
Фото: Pexels











