Американскиот технолошки гигант, Amazon најави дека отвора 75.000 работни места во рамки на својата мрежа на складишта и центри за дистрибуција во САД и Канада и дека ќе понуди бонус од 100 долари на новите вработените кои имаат потврда дека се вакцинирани против коронавирусот.
Од Amazon додаваат дека на тие работни места ќе понудат почетна плата од 17 долари по час, што е резултат на неодамнешното зголемување на заработката во распон од 50 центи до три долари за еден час за повеќе од пола милион вработени во САД кои работат во компанијата, пренесува CNBC.
Нудењето различни бенефити за да се привлечат кандидати е раширена појава меѓу американските компании коишто бараат луѓе за работа на пазарот на труд што има ограничена понуда.
Одредени компании велат дека се соочуваат со проблем да најдат работници најмногу заради погодностите во коишто уживаат невработените. Критичарите тврдат дека работодавачите би требало да размислат да ги зголемат платите за да привлечат работници.
Amazon во услови на пандемија прими дури 500.000 работници за да може да одговори на зголемениот обем на работа, а во исто време инвестираше и во физичко ширење на бизнисот, отворајќи нови складишта и дополнителен простор.
Фото: Facebook