Alibaba прокнижи загуба од 1,18 милијарди долари за три месеци

66

Кинеската платформа за интернет трговија, Alibaba оствари загуба за три месеци, што се случува за првпат откако дебитираше на берза во 2014 година, а е последица на високите антимонополски казни што ги доби од државното регулаторно тело за заштита на конкуренција.

Загубата изнесува 1,18 милијарди долари во четвртиот квартал од фискалната година што завршува на 31-ви март, како резултат на казните што компанијата мора да ги плати, пренесува CNBC.

Ова е првпат Alibaba да прикаже загуба како компанија што веќе котира на берза. Но, доколку се исклучи износот за казни, оперативната добивка на компанијата би била 1,63 милијарди долари, што би било 48% повеќе одошто една година претходно.

Вкупните приходи на компанијата ги надминаа пазарните прогнози, достигнувајќи 28,6 милијарди долари и се повисоки за 64% во однос на истиот период претходната година.

Добивката по акција изнесува 1,58 долари, што е пораст од 12% во споредба со истиот период една година претходно.

Само во март оваа година, Alibaba оствари нето загуба од 848 милиони долари, додека се очекувала добивка од околу 1,1 милијарда долари.

Проблемите на кинеската платформа почнаа во ноември минатата година кога кинеските регулатори ја повлекоа дозволата за берзанско деби на Ant Group, подружница на Alibaba за финансиска технологија и плаќања, чија вредност се проценуваше на 34,5 милијарди долари. Од тогаш се избришани повеќе од 240 милијарди долари вредност на Alibaba, а компанијата доби решение да плати казна од 2,8 милијарди долари поради антимонополска истрага во Кина.

Фото: Facebook