Со околу 130 гости кои не носат маски, не држат дистанца, јадат, пијат и играат со жива музика, викендов во еден загрепски ресторан е одржана пробна “свадба“, за да се утврди дали таквите настани ја шират заразата, што ќе се знае за седум дена кога учесниците ќе бидат тестирани.
Станува збор за пилот проект со којшто се прави обид да се вратат во нормала угостителството и другите индустрии, со почитување на одредени услови што се претходно дефинирани.
На пробната “свадба“ лицата биле или вакцинирани со две дози или тестирани еден ден претходно со ПЦР тест, како и оние кои прележале коронавирус во последите шест месеци.
“Очекуваме тестовите за седум дена да покажат дека нема пренос на заразата и резултатите ќе бидат официјално објавени, а ако сè биде во ред веруваме дека мерките за угостителството, евент и музичката индустрија ќе може да попуштат“, вели Жаклина Троскот, претседателка на Независното здружение на угостители.
Гостите рекле дека се возбудени што се нашле на таков настан и што многу се забавувале по долго време на такво место. Организаторите се надеваат дека ќе поминат со добри резултати, што ќе им овозможат враќање во нормала.
Фото: Pexels











