Клуч на врата по 240 години

287

Последните продавници на Debenhams се затворени по повеќе од 240 години од отворање на првите продавници, јавува ВВС.

Купувачите побрзаа до последните преостанати места за да ги искористат поволните попусти, но последните 28 продавници се затворени за секогаш. Брендот ќе продолжи да работи преку интернет, откако во јануари го купи онлајн трговецот Boohoo за 55 милиони фунти.

Во најдобрите времиња, Debenhams управуваше со повеќе од 150 продавници ширум Велика Британија, но банкротираше во 2019 година по пад на продажбата неколку години по ред, а пандемијата го зададе последниот удар.

Во декември лани, сопствениците на брендот најавија дека бизнисот ќе биде ликвидиран со 12.000 изгубени работни места. По намалување на рестриктивните мерки во Велика Британија, 97 продавници повторно беа отворени за да може да се расчистат последните залихи. Продажните места беа обвиткани со натписи на коишто се нудат различни производи – од бикини до апарати за кафе и тоа по поволни цени.

Debenhams влече корени од 1778-ма година, кога Вилијам Кларк отворил продавница во Лондон, нудејќи ткаенини, капи и чадори. До 50-тите години на минатиот век, Debenhams беше најголема трговска куќа во Велика Британија со 110 продавници.

Фото: Pexels