Светскиот економски форум го откажа состанокот во Сингапур

Светскиот економски форум го откажа годишниот состанок за оваа година, којшто беше закажан за во август за во Сингапур, соопшти организацијата со седиште во Швајцарија.

“За жал, трагичните околности што се одвиваат низ целото географско подрачје, неизвесните изгледи за патување, различното темпо на вакцинирање и несигурноста во поглед на новите видови на вирусот ја прават неизвесна реализацијата на глобалниот состанок со претставници на компании, влади и цивилното општество од целиот свет во обемот што е планиран“, стои во соопштението.

Следниот годишен состанок би требало да се одржи во втората половина од следната година.

Местото на одржување и датумот ќе бидат утврдени врз основа на проценка на состојбата.

Состанокот требаше да се одржи во Сингапур, откако во јануари оваа година првпат по 51 година, традиционалниот форум во Давос се одржува во дигитална форма поради пандемијата. Првично беше закажан за 13-ти до 16-ти овој месец, па поместен за период од 17-ти до 20-ти август.

Фото: Facebook