Цената е една од најголемите пречки кои електричните возила ќе треба да ја совладаат на патот да го преземат приматот во автомобилскиот свет.
Популарноста на електричните возила постојано расте, а во однос на од пред неколку години, цената за производство на истите опаѓа. Сепак, конечната цена на производот и понатаму е пречка за електричните возила да воспостават доминација на пазарот. Но, тоа нема да биде уште долго. Според најновата истражувачка студија на BloombergNEF, барем кога станува збор за Европа, електричните автомобили ќе имаат далеку поприфатлива и пониска цена и тоа најрано во 2027 година.
Поголемите возила како што се SUV моделите и кросоверите, се очекува да чинат помалку отколку конвенционалните модели со мотори на внатрешно согорување до 2026 година. Помалите возила, како хечбек моделите, ќе се израмнат со своите конвенционални ривали една година подоцна. До 2030 година, просечниот електричен автомобил се очекува да чини помалку од моделите со конвенционален мотор, и тоа без никакви субвенции.
Оваа промена се очекува бидејќи инвестициите кои производителите ги прават во ЕВ производството. Со оглед на тоа дека се повеќе и повеќе производствени ленти се посветени на електричните автомобили, цената се очекува да опадне.
Драстичен пад на цената
BloombergNEF очекува дека до 2026 година, просечната цена на возило со средна големина ќе биде околу 19.000 евра, без оглед дали има бензински, дизел или електричен погон. До 2030 година се очекува просечната цена на електричните автомобили да биде 16.300 евра, додека просечната цена на возилата со мотор на внатрешно согорување да се зголеми на 19.900 евра.
Ова е драстична промена од актуелната состојба на пазарот каде што просечната цена за ЕВ изнесува 33.300 евра, додека за конвенционален автомобил е 18.600 евра. Но, треба да се истакне и тоа дека BloombergNEF го има едно од најконзервативните предвидувања, бидејќи инвестициската банка UBS предвидува дека ценовниот паритет ќе биде достигнат уште во 2024 година.
Во секој случај, сите се сложни дека цените на батериите, најскапата компонента кај електричните возила, опаѓаат навистина брзо. Студијата направена од страна на Transport & Environment, непрофитна организација која се залага за почист транспорт во Европа, предвидува дека цените на батериите ќе опаднат за 58 проценти во следната деценија.
Преземено од Avtoplus.mk