На Тајмс Сквер во Њујорк, минувачите можат да го видат познатиот киоск К67, којшто постари граѓани од балканските простори го паметат како место каде купувале цигари, билети за превоз и слична стока од секојдневието, а понекогаш и хот – дог.
Денес, во централниот дел на Њујорк, во него ништо не се продава, но познатиот црвен киоск служи како диџејски штанд за пуштање музика. Поставен е во рамки на проектот Times Square Transmissions 2021, којшто според авторите, има за цел да ја приближи музиката до публиката, но и вкусовите и архитектурата од различно време.
Како што пишува Startit, киоскот К67 е дело на словенечкиот индустриски дизајнер и архитект Саша Махтиг и претставува една од најпрепознатливите одлики на поранешна Југославија. Модуларниот дизајн и структурата на челик, стакло и фиберглас беше еден од ретките експериментални проекти од 60-тите години на минатиот век кои доживеале производство. Поради компактниот дизајн и лесната конструкција, беше можно да се комбинираат голем број индивидуални единици.
Во 1999 година, производството на киосци беше запрено, а дотогаш беа произведени околу 7.500 модули. Иако повеќето останаа во Југославија, голем број киосци беа извезени во странство, вклучително и во Полска, Ирак, Кенија, Нов Зеланд, Јапонија, поранешниот Советски сојуз, но и во САД. Прототип на киоскот од 1966 година сè уште се чува во Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк.
Фото: Screenshot (Youtube)











