Opel го додаде Movano-e во својата електрична постава

37

Opel ја претстави третата генерација на Movano кој како опција во поставата за прв пат добива верзија со електричен погон.

Movano ја доби својата трета генерација, а со тоа за прв пат добива и целосно електричен погон, со што Opel го проширува семејството на електрични лесни комерцијални возила каде се наоѓаат и Combo-e и Vivaro-e. Новиот Movano-e во продажните салони во Европа ќе се најде нешто подоцна оваа година.

Електричното комбе на Opel добива електромотор кој испорачува 122 КС и 260 Nm вртежен момент. Movano-e се напојува со 37 или 70 kWh батерија и добива опсег на движење од 117 или 224 километри според WLTP циклусот, додека максималната брзина е ограничена на 110 километри на час.

Батеријата е поставена меѓу двете оски под подот, со што не се влијае на товарниот капацитет, во споредба со дизелските модели кои добiваат 2,2-литарски мотор. Овој агрегат развива меѓу 120 и 165 КС и 300, односно 370 Nm максимален вртежен момент и доаѓа во комбинација со шестстепен мануелен менувач и погон на предните тркала во сите конфигурации.

Третата генерација на Movano може да се добие во три различни каросериски изведби, четири должини на меѓуосовинското растојание и три опции за висината, а товарниот капацитет варира од 8 до 17 кубни метри. Во H3 спецификацијата, моделот добива 2.03 метри товарна висина, а вратите можат да се отворат до агол од 270 степени. Се одликува со максимална товарна тежина од 2.100 килограми.

Новите Movano и Movano-e ги добиваат новите Opel Connect и My Opel апликации. Кај електричната варијанта, My Opel нуди корисни информации како што се локацијата на најблиската полначка станица, додека Opel Connect нуди пристап до актуелниот полначки статус.

Без оглед на конфигурацијата, сите верзии добиваат Live Navigation со информации за сообраќајот во реално време, а можат да се добијат со различни безбедносни карактеристики кои варираат од предупредување за преден судир и предупредување за слепа точка, па се до предупредување за напуштање на коловозната лента и контрола и асистенција за поаѓање во нагорнина.

Преземено од Avtoplus.mk