Пандемијата на коронавирусот жестоко ја потресе автомобилската индустрија, а меѓу најголемите жртви беа автомобилските манифестации ширум Европа, меѓу кои и Салонот во Женева.
Минатата година беше мошне сиромашна кога станува збор за автомобилски манифестации. Поради коронавирусот, откажани беа речиси сите големи автомобилски салони, со што автомобилските ентузијасти и љубители останаа без можност во живо да се запознаат со новитетите. Организаторите и производителите се обидоа да компензираат со организирање на дигитални настани, но ситуацијата ќе се промени на подобро, бидејќи Салонот во Женева, еден од најважните настани во Европа, ќе се одржи следната година.
Организаторите на еден од најпознатите автомобилски салони потврдија дека Салонот во Женева се враќа во календарот. Според информациите, следното издание ќе се одржи од 19 до 27 февруари идната година, што е отстапување од досегашната традиција салонот да се одржува кон почетокот на март, односно првиот четврток во месецот.
Салонот во Женева за последен пат се одржа во 2019 година, бидејќи претходната и оваа година истиот беше откажан поради епидемиолошките мерки кои беа воведени. Организаторите при откажувањето на годинешното издание истакнаа дека целосниот фокус го насочуваат кон тоа следното издание да биде организирано на највисоко можно ниво, а за нивните амбиции говори и фактот дека целта им е настанот за 2022 година да го надмине бројот на посетители од 2019 година, кога истиот го посетија повеќе од 600.000 луѓе.
Манифестацијата ќе се модернизира
“Официјално започнуваме со организацијата на GIMS 2022. Јас и мојот тим едвај чекаме да го претставиме нашиот концепт за изложувачите, а потоа и на посетителите и јавноста. Навистина се надеваме дека здравствената состојба и соодветните регулативи кои се однесуваат на Ковид-19 ќе ни овозможат да го оживееме новото издание на Салонот во Женева“, изјави Сандро Месквита, извршниот директор на GIMS.
За 91-то издание на Салонот во Женева се очекуваат и големи промени кои беа најавени, а сето тоа во согласност со модерните трендови во автомобилската индустрија, иако засега нема детали околу тоа што можеме да очекуваме околу оваа “возбудлива еволуција“, како што ја нарекуваат организаторите. Во секој случај, заинтересираните брендови веќе можат да се пријават за учество на следното издание на автомобилската манифестација во Женева, а пријавите ќе се примаат до крајот на јуни.
Преземено од Avtoplus.mk