Започнуваат засилени вонредни контроли за квалитет на течните горива

44

Државниот пазарен инспекторат со државната мобилна лабoраторија за испитување на квалитетот на течните горива од денеска започнуваат засилени вонредни контроли на терен. Целта е преку засилени контроли да се избегнат можни манипулации со квалитетот на горивата кои што се користат во земјата.

Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со в.д директорот на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димеска денеска информираа за резултатите од првичните контроли.

“Одлучни сме преку засилени контроли да избегнеме можни манипулации со квалитетот на горивата кои што се користат во земјата. На тој начин не само што ќе се заштитат потрошувачите од манипулации со квалитетот на горивата, туку се заштитува животната средина. Како што кажавме и минатата недела, во моментот заедно со вицепремиерот Николовски ги собираме сите податоци за дистрибуција на сомнителниот мазут. Крајниот рок кој што им го дадовме на сите надлежни институции е следниот вторник кога очекуваме дека ќе ги имаме сите информации за евентуалните злоупотреби со увоз на опасен мазут. За податоците ќе ја информираме јавноста, но ако не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати документите како што и претходно најавив ќе му ги предадеме на Јавното обвинителство“, кажа министерот Бектеши.

Тој информираше дека сите институции, почнувајќи од Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Инспекторатот за животна средина имаат обврска во роковите предвидени согласно заклучоците да ги достават сите информации.

“Сакам да укажам дека ние како Министерство за економија, согласно новиот Закон за енергетика сите наши правилници, посебно Правилникот за квалитет на горивата е целосно усогласен со Европската комисија и Енергетската заедница и во делот на количина на сулфур која што треба да ја содржи мазутот кој што се увезува, но и други параметри кои што треба да ги поседуваат горивата согласно македонскиот стандард MKS X 430. Нема да има компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина“, потенцираше министерот.

В.д директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска информираше дека заради потребата за утврдување на состојбата поврзана со квалитетот на горивата  кои се пласираат на пазарот, денеска Државниот пазарен инспекторат со користење на мобилната лабораторија на Бирото за метрологија започна со вонредни контроли на бензинските станици.

“Денешните први три вонредни надзори се само почеток на вонредните инспекции кои ќе продолжат во наредниот период и ќе бидат дел од нашите приоритети, а ќе бидат спроведени на целата територија на државата. Вршењето на инспекциските надзори од страна на инспекторите на ДПИ се однесува на бензин и дизел гориво за што мобилната лабораторија е акредитирана. Во план е овие контроли со оглед на тоа што лабораторијата е мобилна да се вршат  на влез на државата, на граничните премини, во соработка со Царинска управа со цел да не дозволиме да влезат горива со несоодветен квалитет да влезат во државата“, кажа Димеска и потенцираше дека како институција максимално ќе бидат посветени за контрола на квалитет на течните горива кои што се користат на пазарот и граѓаните со сигурност ќе можат да сметаат дека квалитетот на горивата ќе биде највисок.