По Enyaq, Škoda планира и помал електричен кросовер

49

Чешкиот производител Škoda очигледно е мошне задоволен од својот прв електричен SUV Enyaq, па по лансирањето на купе верзијата, ќе пристигне и уште еден модел.

Škoda ќе ја прошири поставата на својот електричен кросовер Enyaq со купе верзија на моделот, а сега е откриено дека ќе додаде и нов член на своето електрично семејство. Иако Enyaq е виртуелно идентичен во димензии и спецификации со Volkswagen ID.4, Enyaq се одликува со подолго меѓуоскино растојание и багажник кој е 42 литри поголем, односно има 585 литри.

Дизајнерскиот шеф на Škoda, Оливер Стефани, во изјава за британски Autocar, истакна дека фокусот на багажниот простор се одразува на популарноста на Octavia и Superb, додавајќи дека тоа ќе остане приоритет во дизајнот и за идните електрични автомобили на оваа компанија.

“Пространоста е мошне важна за нас. Тоа е функционалност. Луѓето тоа го сакаат, а тоа не е нешто од што сакаме да се откажеме. Секоја марка мора да ја игра својата улога. Големиот простор за товарење и багажникот се нешто што можете да ги најдете кај Enyaq. Во споредба со другите партнери кои ја користат MEB платформата, тој има најдолг заден препуст. 100 проценти сме уверени дека дури и со голем багажник можеме да направиме убав, атрактивен автомобил“, истакна Стефани.

Базиран на ID.3

Купе верзијата на Enyaq веќе е забележана во тест фазата во пресрет на планираното пристигнување следната година. По ова, се очекува да пристигне помал MEB електричен автомобил којшто ќе биде сличен на Volkswagen ID.3. Како што е случајот и со овој електричен хечбек, новиот ЕВ на Škoda ќе понуди погон само на задните тркала, но купувачите ќе можат да бираат меѓу три батерии и две нивоа на моќност.

Со оглед на тоа дека Škoda најчесто се фокусира на просторот во ентериерот, се очекува димензиите на новиот ЕВ да бидат издолжени, со што би добил форма на кросовер за да се максимизира капацитетот на внатрешноста, без притоа драматично да се зголеми впечатокот.

Стефани исто така најави дека идните електрични модели на Škoda ќе се одликуваат со “поемоционален“ дизајн кој ќе го следи примерот на Enyaq, но ќе отстапува од опсегот на конвенционални возила.

“Enyaq е јасно поврзан со нашите автомобили кои користат мотори на внатрешно согорување, бидејќи е единствениот ЕВ кој го имаме и сакавме да го направиме дел од семејството. Кога ќе имаме повеќе електрични возила, многу подетално ќе ја развиеме идејата за овие електрични автомобили“, истакна Стефани.