Летечките автомобили ќе пристигнат до 2030 година

43

Иако за производителите во моментов главен фокус е транзицијата кон електричните возила, Hyundai не се откажува од летечките автомобили.

Корејскиот производител Hyundai верува дека летечките автомобили ќе станат реалност во градовите ширум светот до крајот на оваа деценија. Мајкл Кол, шефот на Hyundai за Европа, вели дека корејската марка направила значителни инвестиции во сферата на летечките автомобили и дека компанијата верува дека ова е “навистина дел од иднината“.

Но, најпрво треба да се расчистат некои работи. Најпрво, станува збор за летечки таксија, наместо вообичаени патнички автомобили, барем кога станува збор за поблиската иднина. Второ, електричните автомобили повеќе наликуваат на мешавина меѓу хеликоптери и дронови, наместо автомобили или авиони.

Но и покрај ова, за Hyundai ќе биде огромно достигнување ако успее во своите намери. Зборувајќи на една конференција посветена на индустријата, Кол сепак е сведен дека “ќе биде потребно некое време пред навистина да се подигнеме од земјата“. Но, можеби и не толку долго.

“Ние мислиме дека кон вториот дел од оваа деценија со сигурност, урбаната воздушна мобилност ќе понуди одлична можност да се ослободи метежот во градовите, ќе помогне во намалувањето на издувните гасови, без оглед на тоа дали станува збор за воздушна мобилност внатре во градовите или меѓу градовите“, вели Кол, а пренесува Guardian.

Ова значи дека рокот на Кол е нешто попесимистичен во однос на она што го истакна извршниот директор на Hyundai за Северна Америка, Хозе Муњоз. Муњоз тврдеше дека компанијата би можела да биде подготвена за комерцијални летови веќе од 2025 година.

Со цел да добие солиден старт во пазарот на урбана воздушна мобилност кој според Morgan Stanley би можел да вреди 1 трилион долари до 2040 година, Hyundai најави инвестиции вредни 1,5 милијарда долари за развој на летечки автомобили во период до шест години почнувајќи од 2019 година. Но, не е единствениот производител во оваа трка, со оглед на тоа дека Toyota, Daimler и Geely исто така инвестираат во оваа технологија.

Преземено од Avtoplus.mk