Грција: Нови ограничувања за кафулињата и ноќните клубови поради пандемијата

84

Сопствениците на кафулиња и ноќни клубови во Грција се загрижени за новите рестриктивни мерки, коишто дозволуваат послужување само на гости кои седат, но порачале дека ги прифаќаат ако на тој начин се спречи ширење на заразата.

Грчките власти ги вратиле рестриктивните мерки за рестораните, ноќните клубови и кафулињата. Правилата важат од денеска, а со нив се забранува послужување на гости кои стојат.

“Тоа е чекор наназад, што секако ќе влијае на туризмот, но се чини како неопходен за да не се загуби остатокот од летото. Ќе бидеме трпеливи“, рекол Илиас Бабацикос, менаџер на кафуле на плажа во атинското крајбрежно предградие Алимос.

Грчките здравствени власти се загрижени поради големиот скок на новозаразени со коронавирус. Тие рекле дека поголемиот дел од новите случаи се млади лица кои имаат активен социјален живот.

Вакцинирано е скоро 38% од населението на Грција, а владата со различни стимулации ја популаризира вакцинацијата, вклучувајќи парични награди. Целта е да се вакцинира 70% од населението до оваа есен.

Фото: Pixabay