Конкурс за најдобро дизајнирана етикета на виното Chardonnay на Тиквеш

52

4542074CE3E68C438EEAC39B2CBE78E6Дизајнери од целиот свет ќе ги измерат своите креативни сили дизајнирајќи етика за виното Chardonnay на Винаријата Тиквеш од бербата 2013 година.

Имено, Skopje Design Week објави меѓународен повик преку кој ги информира сите заинтересирани дизајнери да учествуваат со свои дизајнерски решенија и да изработат етикета за виното Chardonnay.

Добиените предлози ќе ги разгледува интернационално жири, а 10те најдобри ќе бидат изложени во рамките на Skopje Design Week што ќе се одржи годинава во Куршумли ан од 1 до 6 октомври. Победникот ќе биде прогласен на затворањето на Skopje Design Week на 6-ти октомври и ќе добие парична награда во висина од 30.000 денари.

“Најважниот сегмент на Skopje Design Week е токму препознавање на потребата за дизајн од страна на бизнис заедницата. Секое нешто кое е оригинално спакувано има поголема вредност. Примерот за соработка со Тиквеш не охрабрува во смисла дека во Македонија постојат бизнис ентитети кои наоѓаат слух за професионален и одржлив пристап кон својот производ, притоа нудејќи му на својот потрошувач дополнително задоволство за неговите сетила. Соработката не мора да запре тука, можеме да размислуваме за дизајн на шише, на пакување, на вински прибор и слично”, истакна Александар Велиновски, директор на Skopje Design Week.

Партнерството меѓу ВВ Тиквеш и Skopje Design Week годинава вклучува повеќе заеднички активности со цел да се понудат интересни содржини за посетителите.

“Сакајќи да дадеме конкретен придонес и вистинска поддршка и да ги поттикнеме сите оние кои што се занимаваат со дизајн се одлучивме на едно од нашите најпродавани вина да му дадеме нов визуелен израз кој, на наше огромно задоволство, ќе носи и авторски потпис. Искрено се надеваме дека ова ќе биде доволно голем предизвик за успешен конкурс и уште поуспешни решенија“, потенцираа од Тиквеш.

Рокот за доставување на дизајнерските решенија е 15 септември 2013 година, по што стручното меѓународно жири ќе ги оценува.