ММФ и додели на РС Македонија 134,47 милиони специјални права на влечење или околу 162 милиони евра за буџетска поддршка. Средствата се веќе планирани во Буџетот за 2021 година за спроведување на мерките за справување со пандемијата и за поддршка на стопанството преку Развојната банка со цел ублажување на ефектите на пандемијата и поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување. Ова го потенцираше министерот за финансии, Фатмир Бесими, во изјава за Сител телевизија.
Ова како што нагласи Бесими се преговараше со ММФ подолго време откако меѓународната финансиска институција го најави новиот пакет за поддршка на светско ниво.
„Со оглед на фактот дека овие средства се доделени за буџетска поддршка, ова значи дека тие имаат доверба во политиките и фискалната рамка коишто се во насока на поддршка на економијата, закрепнување на растот, но и фискална консолидација”, истакна министерот Бесими.
Средствата веќе се предвидени со ребалансот на Буџетот каде што, како што вели министерот, „има зголемување на делот за субвенции за поддршка на стопанството, за социјалните категории загрозени граѓани, меѓутоа и за зголемување на капиталните расходи во Буџетот што всушност ќе значи поддршка и на делот што оди за здравството и за вакцини, и мерките за економијата”.
Согласно процедурата Министерството за финансии ќе изготви закон кој ќе се достави до Владата и кој треба да се изгласа во Собрание. Министерот за финансии очекува законот да се изгласа бидејќи средствата се веќе предвидени со ребалансот. Истото е значајно бидејќи се влеваат дополнителни средства во нашата економија што ќе помогнат за економското раздвижување, но и обезбедуваат поддршка за ковид мерките.