Ко-основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, рече дека се надева дека „акутната фаза“ на пандемијата на коронавирус ќе заврши во 2022 година.
„Можеби не е паметно да се предвидат работите, но мислам дека акутната фаза на пандемијата ќе биде завршена во одреден момент во 2022 година“, напиша милијардерот на својот блог.
Гејтс призна дека, и покрај широката употреба на вакцини против Ковид-19 ширум светот, повеќе луѓе починале во 2021 година отколку во 2020 година, додавајќи дека подобрувањето оваа година не било „драматично“, како што се надевал.
Инаку, богатството на Гејтс се зголеми на 137 милијарди долари за време на пандемијата и тој стана четвртиот најбогат човек во светот.
Тој ја нарече појавата на новиот сој омикрон загрижувачка, но нагласи дека светот е подобро подготвен да се бори со потенцијално опасните варијанти отколку што беше.
Гејтс рече дека многу повеќе информации за варијантата Омикрон – како на пример колку добро постоечките вакцини или претходни инфекции штитат од неа – ќе бидат достапни наскоро, бидејќи истражувачите, вклучително и оние поддржани од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, работат да дознаат повеќе за тоа.











