МекДоналдс до 2025 година планира да отвори речиси 200 нови ресторани во Италија

Американскиот синџир за брза храна МекДоналдс до 2025 година ќе отвори речиси 200 нови ресторани и 12 илјади нови работни места во Италија, најави за италијанските медиуми извршниот директор на италијанската подружница Дарио Барони.

Групацијата ја рангира Италија меѓу светските пазари со најголем потенцијал, истакна Барони, според извештајот на Affari & Finanza-La Repubblica, објавен денеска.

Целта е бројот на ресторани во Италија во следните четири години да се зголеми на 800 од сегашните 630 објекти и да се зголеми бројот на вработени од сегашните 25 илјади на околу 40 илјади.

Продажбата на брза храна на глобално ниво е тешко погодена од пандемијата на коронавирус, чии последици донекаде ги ублажија услугите со нарачки на оброци од возило, консумацијата надвор од угостителските објекти и доставата.

Во Италија, прометот минатата година се намали на 1,4 милијарди евра, од 1,6 милијарди во 2019 година.