Apple цели милијарда корисници на Android со евтин iPhone

Apple планира да go лансира својот најприфатлив iPhone со 5G можности во 2022 година, кој цели на потенцијална база на клиенти од преку една милијарда корисници на уреди со Android.

Неодамна, познатиот аналитичар Минг-Чи Куо откри дека компанијата од Купертино ја подготвува на пазарот третата генерација на „буџетскиот“ iPhone SE. Евтиниот iPhone се очекува да се појави во првата половина на 2022 година.

Аналитичарите во J.P. Morgan веруваат дека новиот паметен телефон има шанса да привлече 1,4 милијарди корисници на Android, како и 300 милиони постари сопственици на iPhone, објави 9to5Mac.

Но, нивната прогноза не ја наведува приближната временска рамка во која Apple може да го привлече ова огромно мнозинство корисници на паметни телефони.

Продажбата на IPhone SE се очекува да достигне 30 милиони во 2022 година, а вкупната продажба на iPhone се очекува да порасне на 250 милиони, или 10 милиони повеќе отколку во 2021 година.

Во секој случај, Apple ќе ги искористи предностите на овој паметен телефон, бидејќи речиси сите модерни „андроиди“ во сегментот од средната класа имаат поддршка за 5G. Со нив ќе се натпреварува iPhone SE 3.