Кина ја казнила социјалната мрежа Weibo повеќе од 40 пати за една година

Кина изрече уште една тешка казна на социјалната мрежа Weibo, јавуваат светските медиуми. Причината: низа прекршувања и дополнително заострување на онлајн контролата. За само една година, Пекинг го казни „кинескиот Twitter“ повеќе од 40 пати. Последната казна е 471.000 долари, а вкупниот износ на платените казни надминува 2,2 милиони долари.

Кинеската администрација за сајбер-простор соопшти дека на Weibo им е наредено да ја платат новата казна за ширење „незаконски информации“ со сериозно кршење на прописите, вклучително и законот за сајбер безбедност на земјата и законот за заштита на малолетници.

Weibo најави дека ќе ја прифати казната и ќе започне со спроведување на неопходните корективни мерки, вклучително и отстранување на лесна порнографија и погрешни маркетинг содржини. Платформата има над половина милијарда активни корисници.

Последната казна доаѓа само две недели откако регулаторот го казни Douban.com, популарна онлајн платформа за дискусија за филмови, забава и култура. Во соопштението на 2 декември, агенцијата рече дека Douban дозволил и содржина што ги прекршува прописите за сајбер безбедност во земјата, за што е изречена казна од 1,4 милиони долари.

Кинеските власти ја зајакнуваат контролата врз интернет содржините во земјава, вести и други информации во последната година. И тие се повеќе го отежнуваат нормалното функционирање на бизнисот, коментираат експертите.