Ferrari објави дека ќе ја слави својата 75-годишнина во текот на целата 2022 година, притоа претставувајќи го своето ново, специјално лого
Поминаа 75 години откако Енцо Ферари ја отвори својата мала фабрика во Маранело во 1947 година. За таа цел, прославениот италијански производител Ferrari доби ново лого кое е специјално направено по повод 75-годишнината на брендот. На новото лого се наоѓаат препознатливото „црното коњче“ и ознаката 1947-2022. Со цел да се одбележи овој јубилеј, Џон Елкан, претседателот на Ferrari, претстави скулптура на препознатливиот симбол на компанијата. Станува збор за џиновска сложувалка, направена со помош на сите вработени во Ferrari кои поставија по едно парче во конечниот производ.
„За оваа посебна година претставивме посебна икона – скулптура направена од илјадници компоненти направени тука во нашата фабрика и позиционирани една по една од моите колеги. Ова е симбол на духот на Ferrari кој е споделен тука во Маранело и од страна на целата наша фамилија ширум светот. Тука се рефлектира есенцијата за тоа кои сме ние, нашите 75 години постоење, и нашата иднина. Станува збор за симбол кој, како што Енцо Ферари кажал – Над се, е направен од луѓето“, изјави Џон Елкан, првиот човек на Ferrari.
Официјалното видео ги нагласува вредностите на пасијата, тимската работа, гордоста и совршенството, со зборови како иновација, традиција и соништа искажани од различни членови на персоналот на Ferrari. На крајот, цитиран е и самиот Енцо со неговата фраза: „Фабриките се направени од луѓе, машини и згради. Ferrari, над се, е направен од луѓе“.
Во 2017 година, Fеrrari ја прослави својата 70-годишнина со 350 специјални едиции на сите свои модели, ограничената серија на La Ferrari Aperta и различни настани ширум светот. Оваа година компанијата ќе го лансира Daytona SP3 моделот од ограничената серија Icona Series, иако не е јасно дали ќе бидат лансирани специјални едиции на некои модели во славеничките планови за 2022 година.
Преземено од Avtoplus.mk