Централната банка на Мексико ќе има своја дигитална валута во оптек до 2024 година, како дел од напорите за зајакнување на финансискиот сектор.
Институцијата соопшти дека „до 2024 година ќе има своја дигитална валута во оптек, имајќи предвид дека овие нови технологии и следната генерација на платежна инфраструктура се исклучително важни“, се вели во објавата на федералната влада на Твитер, цитирана од Блумберг.
Централните банки ширум светот прават сè поголем напредок во развојот на сопствени дигитални валути, алтернативи на криптовалутите. Во Мексико, финансиските регулатори им забрануваат на банките да работат со токени.
Изјавата на федералната влада ги потврдува зборовите на гувернерот на мексиканската централна банка во заминување, Алехандро Дијаз де Леон, кој претходно овој месец изјави дека раководството размислува за издавање дигитална валута.
Банксико, како што е позната институцијата, претстави план за поставување платформа за дигитални валути заснована на аспекти на меѓународниот платен систем SPEI во извештајот на 17 декември. Сепак, тој не постави експлицитен датум за пуштање на валутата.
Според извештајот, планот предвидува создавање валута што ќе може да ја користат дури и граѓаните без банкарска сметка.











