Дали златото може да ја спаси Русија?

177

ЕУ и САД се обединија во казнувањето на Русија за инвазијата на Украина. Според достапните информации, руската армија погрешила во своитке пресметки и наишла на многу посилен отпор отколку што очекувале.

Покрај конвенционалната војна, има и економска, во која може да учествуваат ЕУ и САД, за разлика од таа на теренот. Наметнати се санкции за рускиот финансиски сектор и олигарсите и тие ќе бидат исфрлени од глобалниот финансиски комуникациски систем. Цели се и транспортниот и енергетскиот сектор, а се отежна и набавката на електронска опрема. Ќе биде особено болно да се отежне набавката на делови за одржување на постројки за нафта и гас, од кои Русија зависи дури и во најдобри времиња.

Кој воведе санкции кон Русија?

Санкции беа воведени или најавени од Австралија, Нов Зеланд, Тајван, Обединетото Кралство, Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур.

Јапонија ќе воведе серија санкции против руски финансиски институции, воени организации и поединци, објави во петокот премиерот Фумио Кишида. Мерките вклучуваат замрзнување на имотот на одредени руски поединци и финансиски институции со забрана за извоз во руски воени организации.

Австралија воведе санкции за руските олигарси и 300 пратеници во рускиот парламент, Думата, а најавено е и продолжување на санкциите кон Белорусија. Нов Зеланд го забранува извозот во војската и во воените организации. Тајван се уште не прецизирал какви санкции ќе воведе од негова страна, но се шпекулира дека како еден од најголемите производители на чипови би можел да се фокусира на тој сегмент.

Јужна Кореја забрани извоз на електроника, чипови, компјутери, опрема за комуникации и навигација, воздушна опрема и сензори и ласери. ЕУ ќе добие помош и од Јужна Кореја, бидејќи земјата најави продажба на стратешки нафтени резерви и нафта и гас набавени преку ЛНГ, што ќе помогне да се стабилизира цената на овие суровини во ЕУ.

Како важен финансиски центар, Сингапур се приклучи на финансиските санкции и ќе ја ограничи трговијата со производи кои можат да се користат како оружје за војната во Украина.

Иако е премногу рано да се процени вистинското влијание на санкциите врз руската економија, особено што многу од нив штотуку беа објавени и не можеа да имаат влијание, очекувањата на финансискиот и трговскиот сектор веќе силно ја погодија руската економија. Националната валута губи вредност, берзата паѓа, девизните резерви се замрзнати, луѓето чекаат во редици пред банкоматите и банките за да подигнат рубљи и да ги заменат за долари или евра. Единственото нешто што може да ја спаси Русија е златото.

Колапс на националната валута

Руската национална валута, рубљата изгуби над 30% од својата вредност. На почетокот на годината курсот на рубљата беше околу 75 рубљи за еден долар, а сегашниот курс е околу 100 рубљи за еден долар. Поголемите падови се случија во последните неколку часа. А тоа е само реакција на најавата за финансиски санкции.

Руската централна банка купи милијарди рубљи за да го стабилизира девизниот курс, но и тоа не беше доволно за да се спречи ненадејно губење на вредноста. Референтната каматна стапка, која ја постави централната банка и ја следат сите банки во земјава за одредување на каматните стапки на кредитите, е повеќе од двојно зголемена.

Подигнувањето на референтната каматна стапка од 9,5% на 20% е реакцијата на Централната банка на Русија на остриот пад на вредноста на националната валута. Таа ги советуваше и извозните компании што поскоро да продаваат странски валути поради поевтинувањето на рубљата.

Одлуката беше донесена на итен состанок во понеделникот наутро пред почетокот на тргувањето, но не успеа да го спречи падот на рубљата по отворањето на пазарот. Централната банка соопшти дека „ќе ја поддржи финансиската и ценовната стабилност и ќе ги заштити заштедите на граѓаните од депрецијација (амортизација).

Во избезуменото тргување што следеше по отворањето на пазарот, рубљата падна на повеќе од 100 за долар. Русите започнаа т.н „стампедо на банките“, брзајќи да подигне пари од сметката од страв дека тоа ќе ги ограничи парите што може да се земат во банките или дури ќе дојде до колапс на рускиот банкарски сектор. Редиците пред банкоматите и филијалите на банките низ Русија се се подолги.

Централната банка на Русија се обидува да ја спаси стабилноста на финансискиот систем на земјата

Замрнати се 40% од 630 милијарди меѓународни резерви, а големите руски банки се исклучени од SWIFT, меѓународниот финансиски комуникациски систем кој управува со најголемиот дел од светскиот трансфер на пари меѓу финансиските институции.

Руското Министерство за финансии најави дека ќе им нареди на компаниите да продаваат најмалку 80% од својата девизна заработка на домашниот пазар, т.е. ќе ги принуди да купуваат рубљи, со што ќе се создаде побарувачка за националната валута и ќе се запре нејзиниот пад.

Ова е еден од очајните потези на Централната банка на Русија, бидејќи поради замрзнувањето на девизните резерви, нејзината интервенција на пазарот беше строго ограничена со цел да се запре падот на курсот на рубљата. Стандардна политика би била Централната банка на Русија да продава девизи на рускиот пазар, со што ќе се создаде побарувачка за националната валута во рубљи и ќе се стабилизира девизниот курс. Но, поради замрзнатите девизни резерви, тоа не може да го направи ефикасно, принудувајќи ги извозните компании да продаваат девизи и наместо тоа да купуваат рубљи.

Тргувањето на берзата беше прекинато истиот ден кога Русија ја нападна Украина, во утринските часови во вторник, а истото го направи и берзата во Санкт Петербург.

Московската берза падна за 30% по повторното отворање, од берзанскиот индекс од 3.000 на 2.000 поени (во моментов на околу 2.500), додека MSCI берзанскиот индекс на руските компании со кои се тргува во Лондон и Њујорк падна за 45%. Дури и за странци е забрането да продаваат акции.

Се создава целосен хаос

Ситуацијата се менува од ден на ден кога е во прашање финансискиот пазар во Русија. Мерките се воведуваат ден-два, а потоа се укинуваат, принудувајќи ги компаниите да работат на начин што го одредува Централната банка на Русија, делумно или целосно забранувајќи го тргувањето на неколку часа.

Мерките главно се сведуваат на обид да се одржи некаква стабилност на финансискиот сектор и за таа цел се бараат оптимални политики. Многу работи се сведуваат на методот на обиди и грешки, а се водат политики за кои не би се ни помислиле во нормални времиња бидејќи претставуваат грубо кршење на нормалните правила на финансискиот пазар.

Се добива впечаток дека Русија се приближува кон систематски финансиски колапс. Редиците пред банкоматите и банките на руското население кое се обидува што поскоро да ги повлече рубљите од нивните сметки и да ги продаде за долари или евра, се показател дека Русите не веруваат во стабилноста на својата валута. Имаат поголема доверба во доларот и еврото.

Истата ситуација се случува при секој колапс на националните валути. Населението е во паника да ја смени националната валута за постабилна, главно долар, за да ги спаси своите финансиски средства од паѓање на вредноста. Овој процес, на пример, се одвиваше во последните години во Венецуела, каде што доларот стана „тврда валута“ што ја претпочитаат граѓаните на земјата. Можеби ги мразат САД, но им се допаѓа доларот.

Златото е единствениот спас

Меѓутоа, Русија има и 2.300 тони златни резерви. Според количината на златни резерви, Русија е петта земја во светот, зад САД (8133 тони), Германија (3359 тони), Италија (2452 тони) и Франција (2436 тони). Уште од 2014 година, кога имаше 1000 тони злато, почна забрзано да ги зголемува резервите на злато. Централната банка на Русија најави дека ќе продолжи да купува злато на домашниот пазар. Ако нешто ја спаси Русија од финансиски колапс, тоа ќе биде златото.

Сепак, ова е само почеток на санкциите и само реакција на најавите. Директните ефекти сè уште не се почувствувани. Во овој случај, Кина не може да ја спаси Русија затоа што нема развиен финансиски пазар како Западот, а се бори и со проблеми на пазарот на недвижности и за ставање ред на т.н. „банкарство во сенка“. Кога санкциите ќе го земат својот данок, прашање е дали златото ќе биде доволно за да ја спаси Русија од финансиски колапс.