Цената на нафтата паѓа трета недела по ред

101

На лондонскиот пазар цената на нафтата паѓаше и минатата недела, бидејќи трговците стравуваат дека зголемувањето на каматните стапки од страна на централните банки поради високата инфлација ќе го забави растот на светската економија, што би ја ослабело побарувачката на нафта.

Цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 5,5 отсто на 101,16 американски долари, додека на американскиот барел за 6,9 отсто на 97,59 долари, пренесува SEEbiz.

Најголемиот неделен пад на цената на нафтата во последниот месец е последица на зголемувањето на каматните стапки од страна на централните банки во светот со цел да се потисне високата инфлација, што ќе го забави растот на глобалната економија и со тоа ќе ја ослаби побарувачката за нафта .

Најголемиот дел од фокусот е ставен на американската централна банка, откако минатата недела беше објавено дека инфлацијата во Соединетите Американски Држави (САД) во јуни достигна 9,1 отсто, што е ново највисоко ниво во последните 40 години.

Затоа се очекува дека ФЕД ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,75 процентни поени во јули, втор месец по ред. Некои дури шпекулираат за зголемување на каматните стапки за цел процентен поен.

Во моментов, пазарите проценуваат дека постои 75 отсто шанса ФЕД да ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени, а 25 отсто шанса да ги зголеми каматните стапки за еден процентен поен.