Колку е одржлива руската економија?

99

Шест месеци по војната во Украина, најсанкционираната земја во светот, Русија, се чини дека сè уште успешно „сурфа на бранот“ на западните санкции кои имаат за цел да ја „потопат“ нејзината економија.

Така е барем засега, со целосното влијание на санкциите и нивните „подвижни цели“ кои се очекува да ги почувствува Москва во наредните месеци, пишува „Дејли Сабах“.

Засега, сепак, многумина си го поставуваат ова прашање: колку е навистина одржлива руската економија?

Еве неколку факти.

Руската централна банка предвидува дека руската економија ќе се намали помеѓу 4%-6% во 2022 година, што е повеќе од нејзините предвоени прогнози од 3%. Сепак, бројката е многу подобра од прогнозата за намалување од 8%-10% оваа година.

Огромното намалување на стапките од страна на централната банка е уште еден јасен показател дека рецесијата се очекува да биде многу „поплитка“ отколку што претходно се стравуваше.

Русија ја намали основната каматна стапка за 150 базични поени на 8%, многу над очекувањата на пазарот за намалување од 50 базични поени, притискајќи ги каматните стапки под предвоените нивоа за да ја поттикне домашната побарувачка.

Економски пад

„Дојдовните податоци покажуваат дека економскиот пад ќе биде подолг со текот на времето, но веројатно не многу длабок“, изјави за новинарите во Москва Елвира Набулина, гувернер на Централната банка на Русија.

Банката очекува економијата на земјата да се врати на раст до 2024 година. Годишната инфлација во Русија се намали на 15,9% во јуни, од 17,1% во мај, што е во согласност со најновата проценка на централната банка за годишна стапка на инфлација од 12%-15% во 2022 година – надолна ревизија од прогнозата од април за 18 – 23%.

Економијата очигледно беше поддржана од фискалните стимулации и зголемената цена на гасот и нафтата, што и помогна да го издржи влијанието на санкциите.

Русија имаше огромен суфицит на тековната сметка поради забраните за увоз, забрзувајќи ја дедоларизацијата на нејзината економија и поттикнаа поскапување на рубљата.

Сепак, индексот на доверба на потрошувачите падна за 31% во вториот квартал од годината, што е најниска точка од 2014 година.

Рускиот автомобилски сектор, исто така, претрпе голем удар од забраната за увоз, при што продажбата на нови автомобили е намалена за 82% на годишно ниво, на 27.761 единици во јуни.

„Не е блиску до колапс“

Иако санкциите секако и наштетија на руската економија, очигледно е дека штетата не е доволно сериозна за Москва да размислува за повлекување на своите војници од Украина, а камоли да се грижи за можен економски колапс, вели Керим Џан Кавакли, академик од Универзитетот Бокони во Италија.

„Не верувам дека руската економија е блиску до колапс“, изјави тој за „АА“.

Според експертот, Русија продолжува да заработува пари од меѓународната трговија бидејќи големите економии како Кина, Индија и Саудиска Арабија не се приклучија на притисокот на Западот преку санкции.

„Русија може да најде нови купувачи за својата нафта и гас, а растот на цената на нафтата и помогна понатаму. Руската Федерација продолжува да заработува од трговијата“, нагласува академикот.

Сепак, многу макроекономисти и политички аналитичари веруваат дека западните санкции може да имаат поголемо влијание на среден и долг рок, бидејќи Русија е отсечена од глобалните синџири на производство и не може да набавува високотехнолошки добра од други земји.

Тоа значи дека во иднина руските компании како „Газпром“ може да се соочат со потешкотии при замена на нивните машини или производство на високотехнолошки производи. Друг фактор е што повеќе санкции против Москва се секако на пат.

Германија, еден од најголемите купувачи на руски јаглен, се обврза да престане да го увезува до 1 август. Исто така, ќе престане да увезува руска нафта до 31 декември.

Заедно со Британија, Европската унија мора постепено да престане да купува руска нафта увезена по морски пат до крајот на 2022 година.

Минатиот месец, земјите од Г7 објавија планови за забрана на увоз на руско злато, клучен извоз кој носи десетици милијарди долари за Москва. ЕУ ќе го следи примерот. И со нејзините проценети 331 тон во 2020 година, Русија е на второто место во однос на глобалното производство на злато, со 9% од вкупното светско производство.

„Руската економија претрпе многу штета и ќе продолжи да трпи, но режимот на Владимир Путин може да остане на власт, пренесувајќи ја економската болка на обичните луѓе“, коментира Кавакли.

Со други зборови, ако благосостојбата на обичните Руси падне за 20%, руската елита, која е поважна за политичкиот опстанок на Путин, може да страда многу помалку од тие 20%.