Ригорозни мерки: Излозите во мрак, рекламите исклучени, продавниците ќе работат пократко

Членките на Европската унија забрзано прават планови за намалување на потрошувачката на енергија поради страв од недостиг што се заканува во зима.

Резервите на гас во ЕУ во моментов се полни 71 отсто, што е околу девет отсто помалку од целта што ЕУ ја постави претходно летово до 1 ноември, пишува Индекс.

Земјите-членки ветија дека ќе ја намалат побарувачката на гас за 15 отсто до март како дел од мерките. Влоговите не се исти низ ЕУ. Во Германија, исклучувањето на рускиот гас тешко ќе ја погоди индустријата и ќе влијае на способноста на луѓето да ги загреат своите домови.

Во Шведска и Финска, каде гасот сочинува помал дел од целокупната енергетска шема, влијанието би било помалку драстично.

Голем број земји во ризик, вклучително и Германија и Франција, воведоа планови за намалување на потрошувачката на енергија. Тоа ќе има „големо влијание“ врз намалувањето на потрошувачката во ЕУ, изјави Антонин Шапело, политички директор на невладината организација „Коалиција за заштеда на енергија“.

Тој нагласи дека, покрај итни мерки за преживување на зимата, владите ќе треба да преземат и долгорочни чекори, како што се реновирање на зградите за да ги направат енергетски поефикасни и да се префрлат на поеколошки технологии за централно греење.

И Македонија ќе штеди

Македонската влада донесе мерки за заштеда на струја до 15 отсто – за домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија кои мора да се испочитуваат зашто во спротивно ќе следуваат санкции.

Мерките ќе стапат во сила од 1 септември годинава, а ќе важат до 31 март 2023 година.

Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се принтаат само потребните материјали, да се заменат прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од препораките за државните институции.

Хрватска: Подготвен е план за редукција
Хрватска веќе го подготви својот план. Дражен Јакшиќ, раководител на Институтот Хрвоје Пожар, го потврди ова и коментира какви сценарија се очекуваат наесен.

„Треба максимално да ги повикаме сите граѓани, но и претприемачите да преземат мерки за заштеда, никогаш не било поважно да се заштеди енергија од сега, за да се избегнат намалувањата во зимскиот период, резервоарите да останат полни и магацините за гас да бидат што пополни“, рече Јакшиќ.

Франција

Франција објави план за „енергетска трезвеност“ во средината на јули. Најголем дел од мерките се уште се во фаза на изработка и се очекува да бидат претставени на крајот на септември.

Агнес Паниер-Рунахер, министерката за енергетска транзиција, предупреди дека властите имаат намера да им забранат на продавниците да ги оставаат отворените врати додека работат со климатизација и греење.

Исто така, планот е да се забрани функционирање на светлечки реклами во сите градови од еден до шест часот наутро. Оваа мерка е веќе воведена во градовите со помалку од 800.000 жители. Париз очекува да ја намали потрошувачката на енергија за 10 отсто со новиот план во однос на периодот од 2019 до 2024 година.

Франција увезува околу една петтина од својот природен гас од Русија.

Шпанија

Шпанија зазеде порадикален пристап од другите земји на ЕУ. Веќе донесе уредба со која компаниите се обврзуваат да ја прилагодат климата на 27 степени во лето, а греењето на 19 степени во следната зима.

Владата им нареди на продавниците да постават автоматски брави за да не се остават вратите отворени додека е вклучено парното, а излозите да бидат темни од 22 часот. Домаќинствата засега не се обврзани да ги почитуваат овие мерки.

Шпанија добива само околу 10 отсто од гасот од Русија. И покрај ова, ставот на Шпанија е дека мерките може да ја намалат потрошувачката на гас и нафта за пет проценти на краток рок, што би ги доближило до целта за намалување на потрошувачката на енергија за седум проценти до март следната година.

Германија

Германија е најмногу зависна од рускиот гас и е еден од најгласните поборници за штедење. Сепак, сè уште нема обврзувачки план за намалување на потрошувачката на енергија. На крајот на јули беа издадени голем број препораки, од кои некои ќе станат правно обврзувачки.

Владата ги повика јавните и деловните згради да престанат да ги загреваат „просториите каде луѓето не го поминуваат поголемиот дел од своето време“, како што се ходниците и големите сали. Се повикуваат големите индустрии, но и домаќинствата да заштедат пари со одржување на минимална температура во становите.

Роберт Хабек, германскиот министер за економија, минатата недела објави нови регулативи кои ќе се однесуваат на заштедата на енергија. Во јавните згради ќе биде дозволено греење до максимални 19 степени Целзиусови, зградите и спомениците, а рекламните табли, нема да бидат осветлени во текот на ноќта.