Швајцарската компанија Oppidum го претстави својот најнов градежен проект наречен L’Heritage кој се состои од градење бункери и е наменет за сите оние кои сакаат да живеат луксузно дури и во случај на апокалипса. Се работи за бункери за богати поединци чие богатство надминува 100 милиони долари.
Бункерот е дизајниран од францускиот архитект Марк Пригент, а опфаќа и до 1.000 квадратни метри простор кој е прилагоден на секојдневниот живот и деловните активности. Има сè, од спални, бањи и кујни до конференциски сали.
L’Heritage може да се прилагоди на индивидуалните потреби и, доколку е потребно, може да се инсталира внатрешна градина, спа центар со базен, галерија за приватна уметничка колекција, па дури и гаража за флота од десет луксузни возила.
Се разбира, безбедноста е на прво место. Бункерот е опремен со интегриран комплексен безбедносен систем кој би штител од потенцијални провалници.
Внатре во бункерот има и два системи за филтрирање на воздухот и индустриски генератори кои им овозможуваат на сите системи во бункерот да работат без никакви проблеми.