Се очекува зголемување на цените на авио билетите

61

Меѓународната асоцијација на аеродроми објави дека целосно закрепнување на воздушниот сообраќај се очекува до 2025 година.

Најновата прогноза покажува дека бројот на патници следната година ќе биде девет отсто помал од 2019 година, а закрепнувањето сè уште „доцни“ бидејќи претходно беше најавено дека европскиот воздушен сообраќај би можел да се врати на тие резултати веќе во 2024 година.

Генералниот директор на ова здружение Оливие Јанковец изјави дека догодина превозниците ќе претрпат загуби од околу 220 милиони евра, пренесува Политика.

„Минатата година имавме силен раст и воздушниот сообраќај беше отпорен на сите геополитички и економски проблеми. Сепак, целосно закрепнување и враќање на резултатите од 2019 година, која беше рекордна година во секоја смисла, може да се очекува во 2025 година“, рече Јанковец, додавајќи дека војната во Украина и геополитичките тензии во Европа генерално ќе се одразат на овој пазар како и дека инфлаторните притисоци негативно ќе влијаат на побарувачката.

Според овие прогнози може да се очекува благ пораст на авио билетите. Зголемувањето на цените можеби ќе беше уште поголемо доколку нискобуџетните компании не продолжија да растат и да ја зајакнат понудата на евтини летови до сите дестинации.

Без оглед на овие прогнози, пазарите кои се потпираат на туризмот може да очекуваат добри резултати и може да го надминат бројот на патници во периодот пред пандемијата. Другите земји, според сите сметки, ќе чекаат подобри времиња и пополни паричници на загрижените Европејци.