Американците заинтересирани за инвестиции во македонското здравство

40

На бизнис форумот во Принстон, САД, каде во работна посета е премиерот Никола Груевски со владина делегација, присутните американските бизнисмени изразија интерес за инвестирање во здравствениот сектор на државава.

“Ова е добра можност да се видат сите поволности кои Македонија ги нуди на странските инвеститори, како човек од бизнисот кој работи бизнис во областа на здравствената заштита согледав извонредни можности, ова е многу пријателски настроена земја и можно е да се насочи дел од нашиот капитал во Македонија”, изјави Хенри Аморосо од компанијата Невел Кемпбел.

Премиерот Никола Груевски во своето обраќање на бизнис форумот се осврна на поволностите кои нашата земја ги нуди за странските инвеститори, а кои, пред се, се огледаат во најниските трошоци за водење бизнис во Европа.

Тој ги повика американските компании да ја посетат Македонија и да се уверат во она што се презентира на бизнис форумот.

“Би ве поканил сите вас што сте заинтересирани да инвестирате во Европа да ја посетите Македонија и да разговарате со инвеститори од странство кои веќе инвестираат во Македонија во последните години, да ги проверите сите овие работи за кои зборувавме, затоа што е многу покредибилно некој што веќе инвестирал да зборува за ова отколку Владата, и да ви се потврди дека и самите инвеститори ќе го кажат истото што ние го кажуваме. Да анализирате и да ги споредите поволностите што ние ги даваме со поволностите на други земи во Европа и пред да донесете одлука да ги согледате сите информации за Македонија бидејќи силно веруваме дека ќе видите дека Македонија е вистинското место за вашата инвестиција”, рече Груевски.

Владината делегација денес продолжува со презентација на поволностите за странски инвестиции на бизнис форум во Чикаго.