Цените на нафтата пораснаа четврта недела по ред

Цените на нафтата на светските берзи пораснаа и минатата недела, четврти пат по ред, бидејќи се очекува зголемување на побарувачката, најмногу од Кина, додека ОПЕК и неговите сојузници го ограничуваат производството.

Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се тргува за 86,30 долари, додека на американскиот пазар барелот се тргува за 82,50 долари.

Поскапувањето не е забележано четири недели по ред од јуни минатата година, а последицата е показател за зајакнување на побарувачката, пренесуваат агенциите.

Минатата недела, Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) процени дека побарувачката на нафта ќе се зголеми за 2 милиони барели дневно оваа година и ќе достигне рекордни нивоа од речиси 102 милиони барели дневно, најмногу благодарение на закрепнувањето на кинеската побарувачка по укинувањето на мерките за коронавирус.

Според проценките на агенцијата, понудата треба да се намали за 400 илјади барели дневно до крајот на годината, со оглед на очекуваното зголемување на понудата на независните производители за еден милион барели дневно, како и намалувањето на понудата од ОПЕК за 1,4 милиони барели дневно.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во четвртокот процени дека побарувачката може да се намали во текот на летото, доколку зголемените каматни стапки во САД ја нарушат вообичаената летна сезона на возење, а рафинериите во Кина не ја зголемат понудата на нафта.