Цените на нафтата паднаа за повеќе од пет отсто минатата недела

На светските берзи цените на нафтата паднаа за повеќе од 5 отсто минатата недела, по четири недели раст, бидејќи се очекува слабеење на побарувачката, имајќи предвид дека централните банки најверојатно ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 5,4 отсто, на 81,66 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 5,6 отсто, на 77,87 долари.

По четири недели раст на цените поради очекувањата дека побарувачката ќе зајакне, цените паднаа минатата недела бидејќи е многу веројатно американската централна банка да продолжи да ги зголемува каматните стапки, пренесе Хина.

По минатонеделниот пад, цените на нафтата се во минус од почетокот на годинава.

Во однос на почетокот на годината, цената на барелот на лондонскиот пазар падна за околу 5 отсто, а на американскиот за околу 3 отсто.