Јанакиески: Државна институција ќе гарантира за стабилноста на градбите

42

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вчера ги презентираше измените и дополнувањата на Законот за градење.

Според новите измени државни, научно истражувачки институции специјализирани во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, ќе даваат мислење за стабилноста на идните градби и ќе бидат дел од задолжителната документација при добивање одобрение.

Институциите ќе гарантираат за  механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите заради нивна поголема безбедност особено во случај земјотреси, свлекувања на земјиште и слично.

Мислењето за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата се однесува на градежно-конструктивниот проект, што е составен дел на основниот проект и се приложува од инвеститорот со барањето за добивање одобрение за градење.

Научните институти што ќе гарантираат за стабилноста ќе треба да се лиценцираат за издавање мислења, а Владата ќе одобри ценовник за износот на услугата, што, според Јанакиески, треба да се базира на реално направени трошоци.

“Според предложените законски одредби, институтите се обврзани мислењето за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градби со површина до 5.000  метри квадратни да ја издадат на инвеститорот во рок од 15 дена од приемот на барањето, а во рок од 30 дена за градби со површина од над 5.000 метри квадратни и за линиски инфраструктурни објекти. Во спротивно се смета дека мислењето е позитивно, а ако во иднина поради непостапување настанат штети, обврската за надомест на штета ќе биде на товар на субјектот што врши научноистражувачка дејност”, најави министерот за транспорт.

За градбите до 300 метри квадратни, претежно за куќи, ќе треба да се обезбеди мислење само во тек на проектирањето. За сите градби со поголема површина од 300 метри квадратни ќе се обезбедува мислење и при проектирање, градење и ставање во употреба.

Kако што појасни  Јанакиески, тоа значи дека институцијата треба да даде мислење во фазата на проектирање, да направи контрола во фазата на градба и да даде позитивно мислење при правање технички прием или самиот извештај што се доставува во катастарот за впишување.

Според директорот на Институтот за земјотресно инжинерство ИЗИС Михаил Гаревски, предложените законски измени се многу корисни  и со нивна примена речиси целосно ќе се намалат ризиците за градбите.

“Целата постапка ќе се одвива електронски и ќе треба да се направи цела методологија, и во секој случај станува збор за корисни активности”, посочи Гаревски.

Доколку по завршувањето со изградбата и ставањето во употреба на градбата дојде до оштетување на градбата поради неисполнување на условите за  механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, обврската за надомест на штета ќе биде на товар на субјектот што врши научноистражувачка дејност.

Во предлог-законот е предвидена глоба во износ од 15.000 до 17.000 евра во денарска противвредност за прекршок на правно лице изведувач и глоба од 9.000 до 11.000 евра на одговорното лице во правното лице, ако при изведување на градбата не обезбеди соодветно мислење  од наделжниот орган.

Со глоба во износ од 7.000 до 9.000 евра ќе се санкционира евентуален прекршок на инженер за изведба ако при изведување градби не обезбеди мислење. Предвидена е и глоба во износ од 15.000 до 17.000 евра за прекршок на субјектот што врши научноистражувачка дејност, како и глоба од 9.000 до 11.000 евра за одговорното лице, ако изработи мислење за проектираниот и мислење за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата спротивно на прописите. За тоа е предвидена и глоба во износ од 7.000 до 9.000 евра во за прекршок на лице вработено во субјектот кој врши научно истражувачка дејност.