Цените на нафтата пораснаа

49

Цените на нафтата пораснаа во петокот по усвојувањето на законот за горната граница на американскиот долг, а на растот на цената влијаеа пазарните очекувања дека ОПЕК+, чии претставници ќе се состанат во сабота и недела, би можел да донесе одлука за дополнително намалување на производството на нафта.

Референтната нафта Брент во петокот наутро достигна вредност од 75 долари за барел, додека американската нафта WTI (West Texas Intermediate) се тргуваше по цена од околу 70,70 долари за барел, покажуваат податоците на специјализираниот портал за следење на енергетскиот пазар OilPrice.

Пазарите се смирија бидејќи американскиот Конгрес во четвртокот вечерта го усвои нацрт-законот со кој се суспендира плафонот на долгот на американската влада од 31,4 трилиони долари, како и претходните сигнали за потенцијална пауза во зголемувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка (ФЕД), пренесува Ројтерс.

Управата за енергетски информации на САД (EIA) објави дека извозот на сурова нафта од САД пораснал минатата недела.

Кога станува збор за претстојниот министерски состанок на ОПЕК+ во Виена, аналитичарите очекуваат дека ќе се донесе одлука за ново намалување на производството на нафта или за негово задржување на сегашното ниво, притоа исклучувајќи ја можноста за зголемување на производството.