
Концептот на економска слобода служи како клучна рамка за проценка на степенот до кој поединците и компаниите имаат слобода да донесуваат економски одлуки. Во земјите со ниска економска слобода, владите применуваат принуда и ограничувања на слободите, ограничувајќи го изборот за поединци и бизниси, што на крајот може да го спречи просперитетот, пишува Visualcapitalist.
Фондацијата Heritage неодамна објави нов Индекс на економска слобода за да го прикаже нивото на економска слобода во секоја земја ширум светот со разгледување фактори како што се имотните права, даночните оптоварувања, слободата на работа…
Земјите во овој индекс се оценети од 0 до 100, а оние со оценка поголема од 80 се карактеризираат како слободни економии, од 70 до 79,9 како главно слободни, 60-69,9 како умерено слободни, 50-50,9 како главно неслободни и 0-49,9 како потиснати.
Мерење на економската слобода
Ова рангирање користи четири широки категории со по три клучни индикатори, квалитативни и квантитативни, за мерење на економската слобода.
Владеење на правото: права на сопственост, судска ефикасност, интегритет на владата
Големина на државата: даночни оптоварувања, фискално здравје, владини трошоци
Регулаторна ефективност: слобода на трудот, монетарна слобода, деловна слобода
Отворени пазари: финансиска слобода, трговска слобода, слобода на инвестиции
Тие 12 индикатори се подеднакво пондерирани и оценети од 0-100. Вкупната оценка потоа се одредува од просекот од 12 индикатори. Гледајќи ги овие показатели, само четири земји во светот имаат оценка од 80 или повисока, и тоа Ирска, Сингапур, Швајцарија и Тајван, што ги става во категоријата на економски целосно слободни земји.
Европа
Од регионална перспектива, Европа е најсилна во однос на економската слобода. Можеби е малку изненадувачки што Германија како европска сила го зазема само 10-тото место на континентот со оценка 73,7. Ваквиот лош резултат е последица на трошењето на државата, кое беше најниско оценето (28,3/100), бидејќи во последните три години државните трошења во просек изнесуваа 49 отсто од БДП.
Ирска, на пример, е на третото место во светот, со особено високи оценки во категориите како што се имотните права и судската ефикасност. Државата, исто така, нема минимален услов за капитал – обично прашање на банкарска регулатива и корпоративното право што одредува колкав имот мора да има една организација – што го прави привлечно за компаниите да основаат канцеларии таму.
Што се однесува до Македонија, таа е на далечното 56 место со оценка 63,7.
Хрватска е на 46. место со оценка 66,4, Словенија е на 37. место со 68,5, Бугарија е на 32 место со оцена 69,3, а Албанија на 49 место со 65,3. Зад нас од Балканските земји се Босна и Херцеговина на 63 место со 62,9, додека Србија е 58 со 63,5, Црна Гора на 77 место со оценка, 60.9, Косово на 78 место со оценка 60.7. Турција го зазема 104 место, а Грција 107 место.












