Bank of America: Резултати над очекувањата на аналитичарите

Американскиот банкарски гигант Bank of America забележа добивка од 7,41 милијарди долари (6,58 милијарди евра) во вториот квартал од оваа година, што е за 19 отсто повеќе во однос на истиот период лани и над очекувањата на аналитичарите.
Подобриот резултат се припишува на постојано високите каматни стапки, јавуваат странските новински агенции.

Споредено со вториот квартал од минатата година, приходите на банката се зголемени за 11 отсто, на 25,33 милијарди долари (22,51 милијарди евра), а нето приходите од камати за 14 отсто, на 14,2 милијарди долари (12,62 милијарди евра).

„Според нашите проценки, американската економија останува солидна, што поволно влијае и на нашиот бизнис. Растот е побавен, но робустен. Пазарот на трудот, исто така, останува отпорен“, рече извршниот директор на Банката на Америка Брајан Мојнихан кога беа објавени резултатите.