
Членките на групата Г20 не успеаја да постигнат консензус за постепено укинување на фосилните горива на состанокот во Индија по приговорите на некои земји.
Научниците и активистите се револтирани што меѓународните тела го одложуваат спроведувањето на мерките насочени кон спречување на глобалното затоплување. Во исто време, екстремните временски услови од Кина до САД укажуваат на климатската криза со која се соочува светот.
Енергетските претставници на членките на Г-20 требаше да дадат заедничка изјава на крајот од четиридневниот состанок во Бамболин, град во индиската крајбрежна држава Гоа, но на крајот се откажаа поради меѓусебно несогласување за повеќе прашања. Еден од нив е планираното тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија до 2030 година.
Консензус не е постигнат ниту во однос на напорите развиените земји да собираат 100 милијарди долари годишно до 2025 година за климатски активности наменети за економиите во развој. Не можеа ни да се договорат за војната во Украина.
Упатени извори велат дека целодневната дискусија главно се однесувала на употребата на фосилни горива, но надлежните не успеале да постигнат консензус кога станува збор за нивната намалена употреба.
Индискиот министер за енергетика Р.К. Синг на брифингот со новинарите по конференцијата, рече дека некои земји сакаат да ги искористат предностите на издвојувањето на јаглерод диоксид од атмосферата наместо да работат на постепено намалување на фосилните горива.
Екстракција и складирање на јаглерод диоксид е технологија чија цел е да ги намали емисиите на CO2, создадени со употреба на фосилни извори на енергија, во атмосферата. На овој начин се ублажува влијанието на употребата на фосилни горива врз глобалното затоплување. Синг не откри за кои земји станува збор.
Но, познато е дека главните производители на фосилни горива – Саудиска Арабија, Русија, Кина, Јужна Африка и Индонезија се противат на целта за тројно зголемување на капацитетот на обновливите извори на енергија во оваа деценија.











