Младите ќе се едуцираат за пензиското штедење

42

Министерството за труд и социјална политика, МАПАС и двете пензиски друштва со поддршка на Министерството за образование и наука ќе вршат обуки на студенти и ученици од завршните години, од 75 средни училишта.

Младите луѓе ќе се обучуваат за нивните права и обврски во пензискиот систем, нивната активна улога, носењето одлуки, како и со функционирањето на пензискиот систем, улогата на пензијата и значењето на пензиското штедење.

Како што истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, едукацијата ќе се спроведува преку 20-минутна презентација во рамки на редовната настава, а подготвена е и брошура која на едноставен начин ја прикажува улогата на младиот човек во пензиското штедење.

Едукацијата на средношколците и студентите ќе се врши во рамки на кампањата Моето друштво е мој избор, а штедењето мојата иднина, која ќе добие поддршка и од МОН.

“Учениците од последните години на средното образование и студентите се први кои се вклучуваат во процесот на работни обврски. Затоа треба да бидат запознаени со сите бенефиции на системот, можностите и распределбата на нивните средства во државниот и приватниот пензиски столб”, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Булент Дервиши, директорот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПAС посочи дека кампањата ќе придонесе за развој на свеста кај младите за значењето на пензиското штедење, со оглед на тоа што, како што рече, секој млад човек е иден член на реформираниот пензиски систем, и со првото вработување задолжително ќе биде вклучен во првиот и вториот пензиски столб.

Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување беше воведено во 2006 година, а во 2008 беше донесен и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Во вториот пензискиот столб кој функционира повеќе од седум години членуваат околу 342.000 членови и акумулирани 408 милиони евра, а во третиот има околу 18.000 членови и акумулирани нето-средства од околу 4,3 милиони евра.