Цените на маслиновото масло во Шпанија достигнаа нов рекорд

Големопродажната цена на шпанското екстра девствено маслиново масло достигна највисоко ниво во вторникот, над 8.200 евра (8.880 долари) за метрички тон

Ова се случи во време кога Шпанија, која произведува околу 45 отсто од светското маслиново масло, се подготвува за својата втора проблематична жетва по ред, пишува Bloomberg, пренесува Anadolu Agency.

Според податоците на шпанското Министерство за земјоделство во сезоната 2022/23, Шпанија произвела околу 662.000 тони маслиново масло, што е пад од 54 отсто во однос на четиригодишниот просек на производство.

Земјоделците велат дека голем дел од штетите веќе се направени на родот 2023/24. Андалузија, од каде што доаѓа најголемиот дел од маслиновото масло во Шпанија, сè уште се бори поради тековната суша.

Драматичната ситуација на пазарот на маслиново масло ги шокираше потрошувачите со нагло зголемување на малопродажните цени за нешто повеќе од една година. Стандарден литар што чинеше околу пет евра сега е околу 10 евра.

Во земја каде што храната во голема мера зависи од висококвалитетното маслиново масло, потрошувачката на маслиново масло паднала за 51 отсто во првата половина од годината, покажуваат податоците на Универзитетот во Хаен.

Шпанските владини претставници велат дека ефектите од жештината и сушата ја покажуваат важноста за справување со климатските промени и преминување кон поодржливи практики.

Минатата година беше најтоплата година досега во Шпанија. Овие години, исто така, беа забележани екстремни горештини, при што пролетта 2023 година беше најтоплата и најсушната досега, а јули четвртиот најтопол месец во Андалузија.