Големите американски медиуми започнаа студена војна против вештачката интелигенција

Дизни, Њујорк Тајмс, Си-Ен-Ен се меѓу десетината големи американски медиуми кои го блокираа пристапот до ChatGPT и започнаа студена војна против вештачката интелигенција.

Редакциите на неколку американски весници и телевизиски станици преземаат одбранбени мерки за заштита на содржината од ChatGPT, револуционерен чет-бот за вештачка интелигенција (АИ) што многумина го гледаат како потенцијална закана за веќе ослабената медиумска индустрија, пишува CNN.

ChatGPT може да создаде имитација на текст, видео, аудио и фотографија во речиси идентична форма и содржина со оригиналниот автор на материјалот.

Блокирањето се врши со вметнување кодови во веб-страници кои го спречуваат веб-прелистувачот ChatGPT да ја скенира нивната платформа за содржина.

Си-Ен-Ен објави дека Њујорк Тајмс, Ројтерс и медиумските гиганти како Дизни, Блумберг, Вашингтон пост, Атлантик, Аксиос, Инсајдер, АБЦ Њуз, ЕСПН и Готамист, меѓу другите, презеле мерки за одбрана од ChatGPT.