Барање за легализација на механизацијата поднеле 19.800 земјоделци

46

Според изјавата на заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, вкупната бројка на доделени субвенции во последните четири години на производители во Свети Николе и Лозово изнесува 14 милиони евра.

По вчерашната посета на општина Свети Николе, Коњановски нагласи дека нешто повеќе од една година се доставени 19.800 барања за легализација на тракторите.

“Земјоделците биле во право кога побарале од нас сериозно да размислиме за легализација на земјоделската механизација. Тоа важеше една година во законот, имаше важност до 30 септември, а сега доаѓа фаза кога со судовите треба да ги решиме сите барања”, изјави заменик министерот.

Во Свети Николе Коњановски се сретна со вработените во Подрачната единица на Министерството, градоначалникот Зоран Тасев, земјоделците и претставниците од индустријата за преработка на сточна храна.

Во наредниот период, како што информира, ќе се бараат начини како да се намали увозот на јунешко месо во земјава.

“Имаме квалитетна и здрава сточна храна што е предуслов за развиена индустрија каква што впрочем и имаме во однос на товениците. Со производството на свинско месо, Македонија не е увозно зависна”, рече Коњановски.