Развој на политики кои ќе ги стимулираат жените да се вратат на пазарот на труд, поддршка од државата и работодавачите во однос на обврските на жената во семејството, адресирање на сите извори на родовите разлики и дизајнирање на нови иновативни технолошки решенија кои ќе овозможат поголема финансиска инклузија на жените, се политиките кои ќе придонесат кон поголема вклученост на жените во економијата, а со тоа и забрзување на економскиот раст, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето излагање на панел-дискусијата „Поддршка на жените во финансиите-рушење на бариерите“, во организација Економскиот факултет при Универзитетот во Тетово. Настанот го отвори ректорот на Универзитетот во Тетово проф. д-р Јусуф Зејнели, а се обрати и деканот на Економскиот Факултет, проф. д-р Брикенд Азири.
Гувернерката, на панелот на кој учествуваа и претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, продеканката на Економскиот факултет Вјолца Хасани Лимани, главниот извршен директор на АД „Македонска берза”, Иван Штериев и претприемачката Гзиме Фејзи, се осврна подетално на пристапот на жените до финансиите и улогата во развојот на претприемаштвото. Таа истакна дека согласно податоците на последната анкета „Барометар на женското претприемништво”, околу 67,8% од анкетираните жени претприемачи сметаат дека пристапот до финансии под поповолни услови е една од значајните форми на поддршка за нивните бизниси. Кога ќе се погледнат статистиките за бројот на кредитокорисници, вредноста на земените кредити, како и лицата кои поседуваат платежни сметки кај нас, очигледна е доминацијата на мажите (околу 55% од вкупниот број кредитокорисници се мажи, 62% од вредноста на кредити на население отпаѓа на мажи, 90% од мажите наспроти 80% од жените имаат платежни сметки). Притоа, гувернерката ја истакна важноста на потребата за поголема финансиската инклузија на жените, но и финансиската едукација на жените, како основа за развој на женското претприемаштво, а со тоа и поттикнување на економскиот развој.
„Поголемата финансиска инклузија на жените претприемачи преку развивање вештини, знаења, изработката и следењето на соодветните податоци и пристапот до финансиски средства се основните цели на пилот-проектот со кој ќе раководи Народната банка со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку кој ќе се градат мостови помеѓу јавниот и приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст“, истакна гувернерката.
Покрај тркалезната маса, во рамки на работната посета на Универзитетот во Тетово беше потпишан Меморандум за соработка во областа на едукацијата и истражувањето, помеѓу Народната банка и Економскиот факултет при Универзитетот во Тетово, од страна на гувернерката и ректорот, проф. д-р Јусуф Зејнели. Меморандумот предвидува соработка помеѓу двете институции во реализација на научноистражувачки конференции, семинари, работилници и други настани, како и поддршка во унапредувањето на студиските програми за потребите на монетарната и макроекономската политика и банкарскиот систем и подобра едукација на студентите.